Перо Камиказа и борбата со болеста: Слушајте ја интуицијата, таа ќе ве одведе на прав пат [9]

Петар Георгиевски, попознат во Скопје и во екс Југославија како Перо-Камиказа, некогашниот основач на групата ,,Меморија”, дипломиран актер на ФДУ, а денеска успешен бизнисмен, јавно ја раскажа својата ланска судбинска прикаска. Борбата со болеста поради која животот му висеше на конец цели 17 дена. Вели ,,ноември е месец на тага, но и радост”. Во 2017-та година на 18 ноември со ,,Меморија” во ,,Метрополис арената” одржаа спектакуларен концерт по повод 35 години од основањето, а во 2018-та година, во ноември – Перо заврши во болница.

ЗАКЛУЧОК

И ете полека стасавме да заокружиме година дена од денот кога излегов од болница. Ги преживеав овие денови уште еднаш, заедно со вас, но се надевам дека ви предизвикав задоволство што еден лик не ве труеше со политика, туку преку лично патешествие ве однесе во друг свет каде материјалното нема, ама баш никакво значење.

Сега претстои враќање во теретана, пливање и се разбира зинско одржување на стекнатото во точак и трчање. Па, ако даде Бог, некое триатлонче ќе ,,бапнеме” следната година.
Пораките, кои, ги добив во месинџер остануваат кај мене, како подарок од десетици задоволни читатели, кои, немаа сила јавно да го изразат своето задоволство.
Ќе биде неправда ако не го споменеме Ристе Јомеихо и Зоро, кои, со своите искрени коментари и стручност, направија се` во клучните моменти за мојата физичка рехабилитација откако бев спремен за враќање во овоземскиот свет. Желбата ја сторија реалност.

За оние кои се грижат дека спортот ме одвел во болница, само да им кажам дека е сосема обратно – токму спортот ме оставил во живот.  И уште поважно, ако сум бил заседнат и дебел како што бев две-три години од 2004 до 2007 година, ногата на која немам артерии, одамна ќе требало да ја ампутираат. Ама Господ е еден и ме чуваше и советуваше што да правам, па така денеска исправен можам да кажам – слушајте ја интуицијата, таа е божјиот глас во нас. И бидете сигурни дека секогаш ќе ве одведе на правиот пат.

ПРОЧИТАЈТЕ:  Прв дел од животната прикаска на Петар Георгиевски: ,,Третиот ден се сретнав со Бога”

Втор дел: ,,Подгледнувај ме ноќва дали дишам”

Трет дел: ,,Средбата со Дедо Боже”

И да, ќе заборавев. Во неколкуте средби кои ги имав со Севишниот, никогаш не сум имал никакви барања од него. Едноставно бев спремен за ,,новата задача” која ако мислел – ќе ми ја доделел. Да бидам уште попрецизен – Бог не е трговец-поединец да исполнува желби, а ние не сме просјаци за да бараме услуга од него.
Сите ние сме божји деца, а Отецот е татко на сите. Кој разбра, разбра. Кој не…И сосема за крај да ви раскажам што ми се случи денеска приквечер.
Одам по третманот кај Зоро на ќебапи во ,,Дестан”, некако одамна не сум се почастил нешто радикално и традиционално. Стаса ,,десетката”, ја залевам со пиво и ми приоѓа еден човек, кој беше единствен друг гостин во ,,Дестан” со девојка. Ми вели: ,,Многу ми е драго што ве гледам жив и здрав, продолжете да ширите оптимизам, ве молам”. Се поздравив со него, а тој – ,,Извини, ако сметав, навистина ми беше чест што Ве запознав лично”. Си замина со девојката
Го викнав дечкото да платам, а тој ми рече дека човекот платил, инсистирал, ме читал на ФБ и многу му се допаднало.
Останав без зборови, а не можев да му се заблагодарам. Едноставно, драги мои, ете гледате крајот на прикаскиве го крунисав со заслужена ,,частовка”.
Да сте здрави и живи и да ве прати среќа во деновите кои следуваат.
Да, ме прашуваат луѓе каква молитва сум кажувал кога сум се молел. Еве ќе ви кажам: ,,Оче наш, тука и на небеса, ти благодарам за новото утро и се` она што ќе го правам овој ден”. Кога трчам, му се заблагодарувам за шансата што повторно го правам она што го сакам и така за се` што ќе направам, му заблагодарувам. Ништо особено не ви треба, да бидете со него во врска, само желба, молитва и љубов.
Ај, сега со здравје. До некое ново искуство.
Искрено Ваш, Петар Георгиевски-Камиказа.

ПРОЧИТАЈТЕ:   Четврти дел: ,,Амди лежел во мојот кревет и си јадел хамбургер”

Петти дел: ,,Ногата ми се направи како ,,подвезица” од вени”

Шести дел: “Правев ,,чучњеви” и пиев сокови од цвекло, моркови и лимони”

Седми дел: ,,Перо се врати, навистина се врати”

Осми дел: ,,Многу хубава свадба, Петраки, без напухани цицки и газове”

[divider style=”solid” top=”20″ bottom=”20″]

[facebook]

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email
Print
error: Content is protected !!